СДСМ: Со Груевски Македонија не може да оди напред

Според податоците на Светска банка, од Македонија се иселиле 626.312 луѓе до крајот на 2013 година. Кога ќе се додадат и иселените во 2014, 2015 како и оваа 2016 година, бројката на иселени е драстично поголема, посочуваат од СДСМ.

„Како што велат податоците на Светска банка, невработеноста, посебно кај младите, е една од главните причини за иселувањето. Никола Груевски и неговите извршители ги уништија сите шанси на младите, да можат во својата родна земја да заработуваат и тука да ја гледаат својата иднина. Во Македонија денес успеваат само криминалците и партиските послушници. Затоа младите бегаат во странство“, се вели во соопштението од СДСМ.

Според нив, со Груевски Македонија не може да оди напред.

„Нови четири години со Груевски ќе значат дополнително зголемување на иселувањето, посебно на младите. На ова мора да му ставиме крај“, порачуваат од СДСМ. Тие потсетуваат на нивниот план за да ги задржат младите во Македонија.

„Преку повисока минимална плата до 16 илјади денари и повисока просечна плата до 30 илјади денари. Преку поддршка на домашните фирми со 140 милиони евра за нови работни места. Преку неповратни 10 илјади евра за сопствен бизнис на младите со добри идеи. Преку бесплатна кирија и одржување на фирмите во првите 2 години во старт-ап центри. Преку гаранција за млади која овозможува довршување на образованието, вработување, пракса или тренинг во рок од 4 месеци по завршување факултет“, велат од СДСМ.