ВИДЕО:Шекеринска ги презентира можностите за млади во Битола

Старт ап центри за развивање бизниси од млади, поддршка за нови бизниси од 10.000 евра, студентски попусти и друго беа само дел од „Планот за живот“ на СДСМ, кој заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска во четврток го претстави пред битолчани.

„Целта на овој План се нашите млади, младите од Република Македонија се повеќе да одлучуваат да останат дома. Тука да најдат работа, тука да започнат семеен бизнис, тука да формираат семејство, а не да заминуваат во странство. Затоа ние сметаме дека државата наместо да вложува во стиропор, треба да вложува во своите млади, бидејќи тие ќе и вратат. Ќе и вратат со подобра економија, ќе и вратат со поголеми семејства, ќе вратат со тој начин што ќе инвестираат во својата татковина“, рече Шекеринска.

Појасни дека предвидуваат државата да обезбедува 10.000 евра неповратни средства за почеток на сопствен бизнис од страна на младите, државата ќе формира старт ап центри во којшто истиве овие фирми, фирми формирани од младите во Македонија ќе им обезбедуваат бесплатно сместување, бесплатни комуналии, бесплатно сметководство и сите дополнителни помошни услуги кои се битни за стартување на мал бизнис.

„Во нашиот План за живот во Македонија вклучуваме и некои европски искуства, затоа планираме да ја воведеме европската младинска гаранција којашто ќе значи дека секој млад човек ќе добие шанса, или да продолжи со своето образование или да добие дополнителна обука и тренинг или да добие шанса за прво вработување. На тој начин голем дел од европските земји ја намалија бројката на млади невработени“, додаде Шекеринска.

За студентите вети воведуваме студентска легитимација со која тие ќе можат да добијат попусти во студентските центри, во меѓуградскиот превоз којшто им е сериозен проблем и сериозен трошок, и сите други услуги што ќе ги направат за нивното студирање да биде поуспешно и полесно.