Шекеринска: По 12 илјади денари месечно за семејствата без никаков приход

Во изминатиов период ги посетивме сите села и градови, во изборната единица 5 и во цела Македонија, и секаде граѓаните бараат шанса за подобар живот тука во татковината, изјави заменик претседателка и носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5, Радмила Шекеринска во Демир Хисар.

Според Шекеринска, 500 илјади граѓани низ цела Македонија живеат во сиромаштија и ова е проблем број еден кој мора да се реши за животот во Македонија да стане подобар.

„Затоа во нашиот План за живот во Македонија предвидовме посебна програма за извлекување од сиромаштија на семејствата коишто живеат во најлоши услови.  За секое четиричлено семејство коешто нема никаков приход, државата ќе обезбеди 12 илјади денари финансиска поддршка.

Доколку приходот во семејството по различни основи е на пример 6 илјади денари тогаш државата ќе додаде дополнителни 6 илјади денари за да во секое семејство влегуваат најмалку 12 илјади денари, додаде таа.

„На тој начин ќе го подобриме нивниот живот. На тој начин ќе ја намалиме сиромаштијата во Република Македонија. Секој е важен, и затоа битката против сиромаштијата мора да биде приоритет на државата, на институциите, на администрацијата“, порача Шекеринска.