Сијарто: Ако има прилив на бегалци, Македонија е прва земја на која ќе се потпреме

Европската унија лани очекуваше земја што не е нејзина членка да ја обезбеди шенген зоната од бегалци, што беше нелогично, а воедно и неприфатливо, порача унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по средбата со неговиот домаќин и колега Никола Попоски, во петок во Скопје.

„Во ЕУ лани имаше нелогична ситуација. Кога се очекуваше од земја која не е членка на ЕУ да ја обезбеди шенген зоната од бегалци кои што влегуваат во ЕУ доаѓајќи од земја членка на Унијата, а потоа минуваат низ земји кои не се членки на ЕУ, а од друга страна ЕУ не е подготвена да почне преговори за членство со Македонија. Тоа едноставно е неприфатливо“, рече  Сијарто.

Тој смета дека Македонија веќе долго време требаше да биде член на НАТО, а преговорите за членство во ЕУ требаше да бидат започнати уште пред повеќе години, за тоа што Македонија, дава значаен придонес во однос на активностите на НАТО, и е една од најзначајните земји учеснички кои не се членки на НАТО и Алијансата треба многу повеќе да го почитува тоа и да го зема предвид.

„Забавно е да се каже Македонија по професија е кандидат, но Македонија пред се е земја која мора да ја почитуваме заедно со македонскиот народ и неговите постигнувања во овој поглед. Затоа како Унгарци ќе инсистираме на почнување на преговорите за членство со ЕУ што е можно поскоро. Знаеме дека има една соседна земја која што сигурно ќе стави вето. Сметам дека билатераните прашања секако треба да се надминат, но не сметам дека тие се соодветен аргумент за да се искористи да се блокира почетокот на преговорите за членство. Затоа бараме од сите пријатели да не стават вето за почеток на преговорите на Македонија“, рече Сијарто.

Во однос на миграциската криза, тој истакна дека дека само делумно е точно тоа дека приливот на мигрантите во Европа е запрен благодарение на договорот меѓу ЕУ и Турција, но вели тоа не е целосната вистина.

„Другиот дел од вистината е  дека приливот на бегалци се намали затоа што земјите од Западен Балкан донесоа одлука да ги контролиртаат сопствените граници и да сторат нешто… Во моментот ние се потпираме врз Македонија, затоа што ако почне прилив на бегалци Македонија е првата земја на југот на која што можеме да се потпреме дека ќе ја заштити својата граница“, рече Сијарто.

Тој најави дека ќе продолжи унгарската поддршка со полициски службеници во однос на обезбедувањето на јужната граница.

За посетата на Македонија за време на изборна кампања Сијарто рече дека не е спорна бидејќи е вообичаена поддршката на сестринска партија,  а слична посета имал и во Србија. Тој најави дека вечер ќе биде и гостин на митинг на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не е грев да се има добри односи со министер за надворешни работи. Една од целите е да остварите добри односи со вашите колеги. Унгарија е тука за да ви даде поддршка“, рече Сијарто.

Министерот Попоски, пак, посочи дека главниот успех кој може да се мери за секој политичар, министер, член на Влада е токму содавњето пријатели.

„Ние немаме зијан од повеќе пријатели, имаме зијан од недостаток на пријатели кога треба да се носат одлуки. Сијарто и Курц се мои добри пријатели, Митов и Коѕиас ми се пријатели и со сите нив се обидувам да ја отстранат пречката на патот на Македонија во ЕУ. Тоа го гледам како мисија која мора да ја остварам“, рече Попоски.

На средбата Попоски – Сијарто станало збор и за унпаредување на економската соработка, а најавено е отворање и дирекна авионска линија Скопје – Будимпешта во текот на април следната година.