
Денеска кон одбележубањето на Европскиот ден без автомобили се придружија и членовите на Советот на млади на Општина Битола.
Општина Битола и оваа година се вклучува во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“ упатувајќи силна порака дека автомобилите треба да се користат одговорно со избирање на „паметен“ начин на транспорт, што би значело да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење, но при тоа да се води сметка за животната средина и загадувањето што го произведуваме.
„Денеска кон Европскиот ден без автомобили кој во Битола и во уште над 2000 градови ширум Европа се одбележува овој ден, учество земаме и ние како Совет на млади на општина Битола кој сакаме да придонесеме кон развојот на јавната свест на граѓаните повеќе да користат велосипеди а со тоа ќе се намали загадувањето а воедно и намалување на трошоците за гориво. Оваа иницијатива е поттикната од Европската комисија пред петнаесет години, што се покажа како доста успешна затоа што интересот за истата е голем. Знаеме дека во многу европски градови а воопшто и во светот луѓето го користат велосипедот како средство за превоз на работа, за рекреација меѓутоа кај нас тоа не е толку застапено. Затоа целта на овој настан е да го промовираме велосипедот како превозно средство и средство за рекреација преку кое ќе заштедеме на гориво и ќе придонесеме за зачувување на животната средина“ – изјави Томислав Новевски, претседател на Совет на млади на општина Битола.
Новевски додаде дека Советот на млади изминатиот период учествувал на обуки за зајакнување на капацитетите од страна на мисијата на ОБСЕ, а во текот на идниот период повеќе ќе се посветат на креирање на настани и активности за младите од Битола.
Инаку Советот на млади на општина Битола го сочинуваат 9 членови: УМС на ВМРО ДПМНЕ (Томислав Новевски), Младинска организација на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ (Сандра Талевска), Младински културен центар – Битола (Марија Мерковска), Младинска организација на СОЕУ „Јане Сандански“ (Мартин Николовски), Младинска организација на СОУ „Таки Даскало“ (Ивана Ангелевска), Together Macedonia (Васко Јошевски), Студенски Парламент на Технички факултет (Александар Јаневски), Студенски Парламент УКЛО (Кристина Петровска) и Студенски Парламент на Технолошко-технички факултет (Катерина Темелковска).





