
Ако СДСМ победи на избори, во првите сто дена зема за обврска да изработи систематизација и план, да се знае колку се должи и да се исплатат граѓаните, порача Оливер Спасовски, кандидат за пратеник од втората изборна единица, пред граѓаните во Хиподром.
„Сакам да ви кажам дека државата должи и е најголем должник воопшто, но не знаеме колку. Зборувам од аспект на министер, кога гледате од надвор и тоа што ќе го затечете внатре, како граѓани не знаеме ниту пет отсто од она што навистина се случува. Ние преземавме обврска, во првите 100 дена од формирањето на новата влада, сите обрвски на државата да ги систематизираме и да објавиме план, како да ги исплатиме парите кај граѓаните“, рече Спасовски.
Тој вели дека сега во Гази Баба, во Стајковци, ништо не е исплатено. „Велат, им исплаќаме 100 проценти од штетите, ама тие 100 проценти значат ако е штетата 10.000 евра, тие ја процениле на 1.000 евра и исплаќаат 1.000 евра и велат дека исплатиле 100 отсто, а останатите 9.000 евра ги нема никаде. Така што, тоа е мојот одговор, ќе направиме проценка и врз основа на таа проценка што ќе ја направиме во првите 100 дена ќе објавиме план како ќе ги исплаќаме долговите и спрема граѓаните и спрема фирмите“, додаде Спасовски.





