
Најстрого ќе биде казнет секој полицаец кој што ќе учествува во изборната кампања на било која од политичките партии, рече во вторник министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при посетата на Секторот за внатрешни работи- Битола и полициската станица Прилеп.
„Има такви случаи во Струга и уште неколку места и преземени се одлучни мерки. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните“, порача Спасовски.
Тој додаде дека карактеристичен настан има во Прилеп, каде што од страна на двајца граѓани на Прилеп е пријавено нудење на поткуп во име на ВМРО-ДПМНЕ за глас на изборите.
Спасовски упати апел до граѓаните доколку забележат ваков или било каков случај на злоупотреба од било кој политички субјект веднаш да го пријават во полициската станица.
„Доколку почувствуваат притисок од било кој државен орган или било кој раководител веднаш да го известат МВР за да можат да се преземат соодветни мерки“, рече министерот Спасовски.





