Трајанов: Ќе им отвориме бизнис центар во Идризово

Со слоганот “Не се плашете, режимот ќе падне!”  Коалиција за промени и правда-ТРЕТ БЛОК предводена од Демократскиот сојуз,  од Скопје ја стартуваше изборната кампања.

Уште на првиот ден најавија демонтажа на режимот и на криминалот. Според  лидерот на ДС- Павле Трајанов и носител на листата во ИЕ 1 , партијата и нивните кадри, на дела го покажале патриотизмот уште во 90-тите години кога ги удриле темелите на државата. Од говорницата Трајанов “му објави војна на криминалот”

“Тогаш, ја испративме ЈНА од Македонија без зрно барут, ги преземавме границите и обезбедивме ефективна власт над целата територија. Тоа се дела!

Пред две години најавивме дека мора да има одговорност за раководството на ВМРО – ДПМНЕ, кое државата ја урниса и го ограби народот, а најмладите, најспособните, ги принуди да заминат во странство. Ќе се справиме со мафијата! Им порачувам, ако и натаму ги држи “желбата” и алчноста за пари, имам решение за нив: Ќе им отвориме бизнис центар во Идризово, таму ќе ги собереме сите нив, каде ќе можат следните дваесет години да “заработат” и да бидат пример за сите функционери ако го крадат народот каде ќе завршат.”- изјави Трајанов.

Тој пред граѓаните ги презентираше итните економски мерки за стабилизација на економијата, спречување на иселувањето и намалување на сиромаштијата.