Тричлен тим ќе ги проверува потписите на судиите кои му се спротиставија на Владимир Панчевски

Комисија од три члена, која најверојатно ќе биде на предлог од претседателот на Судскиот совет на РМ, ќе ги проверува потписите на сите оние судии од скопскиот кривичен суд кои поднесоа претставка против претседателот на скопска „единица”, Владимир Панчевски.

Судиите велат дека се изненадени од одлуката на Зоран Караџовски, претседателот на Судскиот совет, но во исто време потсетуваат дека тие со потпис стојат зад претставката. Инаку, на претставката која беше презентирана во јавноста преку медиумите, стојат само своерачно потписи, но не и целосните имиња на подносителите.

Извори од кривичниот суд велат дека и самиот Панчевски презема одредени чекори во насока на амортизирање на состојбата која владее во судот, пред сé, однесувањето на Панчевски.

Во насока на ваквите кажувања одат и информациите дека тој започнал со поединечно повикување на судиите во неговиот кабинет. Панчевски, на дел на судиите веќе им одговорил писмено, но на иницијаторот на претставката сé уште му се нема обратил.