
Во текот на раните утрински часови на 19-ти ноември со почеток од 02:30 кон серверите на македонскиот хостинг провајдер УНЕТ Клауд регистрирано е зголемување на сообраќајот кој доаѓал од повеќе сервери и локации надвор од државата, со што била отежната работата на главните телекомуникациски линкови, а со тоа била намалена функционалноста на сервисите на системот, велат од УНЕТ, демантирајќи ги сите „политички интонирани дезинформации за селективно одржување на фунцкионалноста на делови на системот“.
Бидејќи тој неконтролиран сообраќај, кој многукратно ги надминувал заштитните капацитети на линкот, константно се зголемувал, кај нашиот интернет провајдер до 05:00 почнале да се појавуваат проблеми на глобално ниво, по што биле активирани заштитните механизми на интернет провајдерот и интернет сообраќајот на ниво на Border Gateway Protocol (BGP) со што превентивно линкот кон УНЕТ бил целосно прекинат, велат од УНЕТ.
„Проблемот е веднаш пријавен кај провајдерот согласно нашиот SLA договор за 99 проценти активност на годишно ниво. Од провајдерот е направена анализа и увидено е дека се работи за генерирање на огромен сообраќај кон УНЕТ од страна на повеќе локации низ светот. Веднаш се активирани заштитните механизми, по што службите на провајдерот во Словенија и Австрија, извршени се блокади на генериторите на неконтролираниот сообраќај“, додаваат од УНЕТ.
„После релативно кратко време, интернет сообраќајот кон УНЕТ на ниво на BGP е вклучен и корисниците почнаа да добиваат пристап со повремени прекини до своите сервиси околу 11 часот. Во 12:30 интернет сообраќајот е целосно стабилизиран со што сите сервиси почнаа да функционираат нормално. За причините кои го предизвикаа овој проблем се известени сите релевантни субјекти како и сите наши корисници. Во тек се технолошки и системски активности со кои се надеваме во иднина ќе се превенираат ваквите идни евентуални ситуации“, велат од компанијата.
„Уште еднаш им се извинуваме на сите наши корисници за настанатите проблеми и краткиот прекин на нашите сервиси, до кој е дојдено не по наша вина. Уште еднаш би сакале оштро да ги демантираме сите политички интонирани дезинформации во дел од медиумите и социјалните мрежи за селективно оддржување на функционалноста на делови на системот. За нас е неприфатлива реакцијата на дел од медиумите како и поединци, кои надвор од секоја логика и воспоставена позитивна деловна пракса, си дозволија да шират лаги и инсинуации за нашата компанија која за потсетување е ваш лојален и сигурен парнер скоро четврт век“, реагираат од компанијата.





