Успешните избори – сигнал за видлива ЕУ перспектива

На покана на тројца министри за надворешни работи од земји членки на ЕУ – министрите за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, на Австрија Себастијан Курц и на МНР на Словенија Карл Ерјавец денеска во Брисел се одржа работен појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, на кој учествуваше и еврокомесарот Јоханес Хан.

На работниот појадок учествуваше Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски кој истакна дека успешното спроведување на изборите и огромната излезеност претставува аргумент во насока на повторно отворање на ЕУ перспективите.  „Приоритетите за следниот период секако ќе бидат економијата, приближување со соседите, особено оние кои се веќе во ЕУ и евро-атлантските интеграции”, истакна Попоски.

Тој посочи дека е неопходно да се искористи моментот за внатрешно средување на политичката клима, но и за напредок кон преговори за членство во ЕУ.  „Ова носи одговорност за нас во Република Македонија сами да ги решаваме несогласувањата и да се посветиме на реформите, но носи и одговорност кон секој свесен политичар во ЕУ дека стабилна Европа, минува преку стабилен Балкан, а Македонија е клучна за неговата стабилност”, заклучи Попоски.

На маргините на состанокот, Попоски оствари и билатерални средби состанок со негови колеги од ЕУ.