Владата ги усвои измените на ,,Законот за стечајци’’ за да се опфатат дополнителни 1900 лица

На денешната седница Владата ги усвои најавените измени на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, предложени од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Со законот, кој што беше донесен во септември 2017 година, досега се издадени решенија на 2732 стечајни работници. Со овие измени ќе бидат опфатени дополнителни 1900 лица.

Со усвоените измени и дополнувања на законот се олеснуваат потребните услови утврдени со постојниот закон, кои се однесуваат на  стекнување на правото на материјално обезбедување доколку престанокот на работниот однос настанал во моментот кога претпријатието со  доминантна  сопственост  на  државата се приватизирало, под услов единствениот матичен број на субјектот да не е променет од моментот на засновањето на работниот однос во тоа претпријатие, до неговиот престанок.

Истовремено, поголема флексибилност е дадена со условот за потребната возраст која треба да ја има невработеното лице  (најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи), со тоа што истата сега се исполнува не од моментот на стапување во сила на постојниот закон, туку во моментот на поднесување на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување.