
Владимир Панчевски, кому во неделата и формално му заврши функцијата претседател на Основниот суд Скопје 1-Скопје, во понеделник не се појавил на робота.
Извори блиски до кривичниот суд велат дека Панчевски зел годишен одмор, но дека неговиот кабинет е испразнет, што само ја подгрева шпекулацијата дека мали се шансите тој да се врати на истата позиција.
Неприсуството на Панчевски, сепак, не е главна тема меѓу вработените, туку разно-разни имиња кои преку социјалните мрежи им нуделе пријателства и укажувањата како тие треба да гласаат на претстојните парламентарни избори.
Од профил на едно такво лице протекоа и фотографии од судењето на екс-началникот на УБК, Горан Груевски. Проблемот е во тоа што фотографиите се од снимки направени од камерата на судот.
Владимир Панчевски, заедно со судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, е еден од кандидатите за претседател на најголемиот суд во државава, но со оглед на неговите слаби оценки и кривичните пријави кои беа поднесени против него, мала е веројатноста дека Судскиот совет ќе му даде уште една шанса.
Инаку, во понеделник, на седница, Судскиот совет најверојатно ќе избере в.д претседател на кривичниот суд.





