
Коалицијата ВМРО за Македонија, на овие избори ќе биде вистинско изненадување и ќе претставува клучен фактор за формирање на идната Влада во Република македонија, но и клучен фактор во идните процеси за демократизација, економски напредок и забрзана евро-атланска интеграција, изјави во понеделникот претседателот на Општинскиот изборен штаб на Коалицијата „ВМРО за Македонија“, Јоне Станковски, најавувајќи дека во вторник во центарот за култура Григор Прличев, ќе се одржи првата средба со граѓани на коалицијата, на кој ќе биде презентирана изборната платформа, како и кандидатите за пратеници од изборните листи.
„Иако во својата политичка основа, коалицијата се води од десничарската определба, сепак на овие избори очекуваме голема поддршка и од центарот, но и од левицата,но и од неопределените гласачи бидејќи сме сигурни дека граѓаните се свесни за потербата од сериозен трет политички субјект во Македонија, кој ќе претставува коректор и баланс во идната Влада. Сигурни сме дека граѓаните се свесни и за тоа колку е опасно, во овие клучни моменти за Македонија, да продолжи оваа биполарна политичка атмосфера и одмерување на силите помеѓу двете најголеми партии, кои во оваа закрвена битка, нема да бираат средства за реваншизам и меѓусебни пресметки, а жртва од сето тоа, како и многу пати до сега, ќе биде обичниот македонски граѓанин“, изјави Станковски.
„Токму тоа е и нашето најголемо ветување пред македонската јавност на овие избори, им ветуваме на македонските граѓани, дека како трет политички блок, без кој не ќе биде можно формирање на идната влада во Република Македонија, нема да дозволиме никаков раваншизам врз грбот на обичниот граѓанин, нема да дозволиме ни влакно од главата да му фали на било кој граѓанин, како резултат од политичките пресметки помеѓу ДПМНЕ и СДСМ, ќе бидеме фактор за релаксирање на атмосферата и враќање на слободите и правата, фактор кој ќе ја врати довербата во системите на државата, фактор кој ќе ја ослободи бизнис климата и конечно фактор кој ќе го запре погубното иселување на младите луѓе од Македонија.
Сето ова е многу едноставно и зависи само од граѓаните на Македонија, ние еднаш покажавме дека можеме и знаеме тоа да го направиме предводени од лидерот Љубчо Георгиевски, а сега повторно истото ќе го докажеме“, порачуваат од ВМРО-НП.





