
Штипјани се потресени од тажната судбина на млада, 26-годишна нивна сограѓанка којашто во понеделникот доцна попладнето починала на гинеколошкото одделение во Клиничкиот центар.
Според скудните информации до кои дојдовме, несреќната жена која била во седмиот месец на бременост синоќа, во придружба на членови на нејзиното семејство се јавила во службата за итна медицинска помош при Здравниот дом во овој град каде докторите констатирале синдром на труење. Откако ѝ била дадена соодветна помош трудницата си заминала дома, но веќе денес изутрина нејзината здравствена состојба нагло се влошила по што семејството итно ја однело во Клиничкиот центар на инфективното одделение.
Специјалисти при ова одделение изјавија за Макфакс дека тие направиле сé што било во рамките на нивните можности, ги направиле потребните анализи по што младата жена ја препратиле на одделението за гинекологија. На ова одделение состојбата на жената уште повеќе се влошилa, обидот на докторите да ѝ го спасат животот не дал резултат, зашто младата трудница која била во својата прва бременост набргу починала, а докторите не можеле да го спасат ниту нејзиното неродено бебе.
Телото на младата штипјанка е пренесено во Институтот за судска медицина каде ќе се утврди што било причината за нејзината смрт, односно дали се работи за докторска негрижа или за труење.
Повеќе детали во врска со оваа трагедија надлежните од СВР Штип најавија дека ќе дадат во текот на денешниот ден.





