
Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Александар Кирацовски, до Државниот инспекторат за труд, поднесе иницијатива за поведување на постапка за вонреден инспекциски надзор над работењето на администрацијата, по информациите дека тие, наместо на работа, се упатуваат на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
„Сите прекршувања на законските норми каде што со партиско и политичко дејствување се влијае врз вработените, а со тоа се попречува правото на слободно изразување на волјата на граѓаните, ќе бидат соодветно санкционирани“, порачуваат од кабинетот на дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација.
„Голем број на државни институции и општини се ставија во функција на обезбедување на кворум за потребите на партискиот митинг на ВМРО – ДПМНЕ кој што ќе се одржи денес, 21.11.2016-та година во Охрид. Вработените, наместо на работните места каде што треба да ги извршуваат своите работни задачи во служба на граѓаните од кои се и платени, од страна на раководните лица со притисоци и заплашувања, се ослободени од работните задачи и се упатуваат на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид“, посочуваат од кабинетот на Кирацовски.





