Заев: Да донесеме живот во Македонија

Доаѓа време кога никој нема да стравува за ништо. Барам од секој од вас да го препознаеме овој историски момент на прекршување, кога режимот пука, се раѓа живот. Ова вечерва е нешто многу повеќе од Скопје, ова е нешто поголемо од митинг, ова е Македонија, рече Зоран Заев претседателот на СДСМ и лидер на опозициската коалиција од големиот митинг во неделата вечерта во Скопје.

„Рацин вечерва во секој од нас вели: Силно светнал ден! Ние можеме, ние веруваме, имаме надеж, имаме визија, имаме план за живот во Македонија. И ќе има живот во нашата Македонија. За само седум дена ќе светне утрото кога ќе го почувствуваме животот. Ви го отворам срцето, слушнете го тој гласен шепот на благодарност кон сите вас и кон својата земја. ве тепаа, ве омаловажуваа. Вие сте вистински херои, нема херои без лузни. Другари, вредеше, вредеше, ја добивме најголемата битка за секој наш граѓанин“, рече Заев.

Лидерот на опозицијата пред илјадниците приврзаници детално го претстави Планот за живот на Македонија пред присутните на митингот и рече дека клуч за земјата е стабилноста на земјата.

„Останувањето на власт на Груевски носи немир, нестабилност. Не се мирни неопределените граѓани, симпатизерите на СДСМ, па и ’вмровците’. Доаѓа време кога никој нема да стравува за ништо. Барам од секој од вас да го препознаеме овој историски момент на прекршување, кога режимот пука, се раѓа живот“ порача Заев.

Тој рече дека граѓаните го знаат одговорот на прашњето кој е подобар.

„Ова не е обична изборна кампања. Овие избори не се на ВМРО или на СДСМ, овие избори се за вас за вашите деца, внуци. Оваа или – или не е обично, тоа значи пропаст ли живот. Почитувани млади, се работи за вашиот живот во Македонија, знам дека си ги сакате другарите, семејството, животот.

Сакам да ја прифатите оваа моја рака, ја подавам кон секој од вас. Не е толку одамна за да не можам да се сетам со какви очекувања излегов од факултет, со каква трема влегов во бизнисот. Знам што му е потребно на младиот човек – ШАНСА. Но за да ја добиете, треба да изберете каква иднина сакате. разочарани, многумина ја напуштивте. Ви нудам шанса да останете тука, каде што ќе добиете можност за неповратни 10.000 евра, за да почнете свој бизнис. Во ваши раце е и белото знаме со кое може да се предадете или црвеното, со кое ќе прогласите своја победа. Ве повикувам, заедно да донесеме живот во Македонија“, рече Заев

Откако упати порака до младите, Заев се обрати и кон повозрасните.

„Какви планови имавте за своето внуче, сигурно се сеќавате. Каде ви се сега внуците? Има ли нешто што може да ја дополни таа празнина. Има, тоа е пенкалото во вашите раце на 11-ти декември“, порача Заев.

Обвини дека власта ќе се обиде да го купи гласот на граѓаните, да ги „труе“ со федерализација.

„Безидејниот Груевски нуди само лаги, за да се спаси од одговорноста што го чека. Тој и фамилијата се плашат за себе од промените. Но, за вас промените се живот. Вие на гласачкото место сте сами, сами носите одлука за својот живот. Во недела ајде да покажеме дека можеме, со верба, со надеж да гласаме за живот во Македонија. Тој глас ќе биде ветување што го даваме на нашите деца. Верувам дека заедно имаме огромна сила да успееме. Нашиот глас во недела ќе биде глас за Планот што носи живот“, рече уште лидерот на опозицијата.

Заев и повика граѓаните да ги земат мобилните телефони в рака и им рече да испратат по една порака до пријател, за кого мислат дека има потреба од дополнително охрабрување: „Пишете им дека треба да гласаат за живот во Македонија“.

Заев, претходно го започна своето обраќање најавувајќи ги носителите на кандидатските пратенички листи во сите шест изборни единици.

„Стево, победува ли Македонија?“, го праша Заев носителот на кандидатската листа во Изборната единица 1, , Стево Пендаровски.

– На 11-ти декември ќе победиме со над 50 мандати и ние ја составуваме следната цлада. Не е само важно со колкава разлика ќе победиме, најважно е тоа да биде огромна разлика. Кон нашата голема победа може да нé спречи само што може да ни го направи мафијата на власт. Ве повикувам сите вас, да бидеме будни сé до победата на 11-ти декември. Немојте да го трошите својот глас, затоа што само оваа опозиција може да ја демонтира оваа власт. Газиме на 11-ти до крај, за Република Македонија“, порача Пендаровски.

Оливер Спасовски, носителот на листата во втората изборна единица, рече „Победуваме двојно, за Македонија“, а пак, носителот во „тројката“ Љупчо Николовски рече дела „И трета изборна единица победува. Носиме животен стандард. Силно и цврств одлучивме – парите назад кај граѓаните“.

Носителката на Изборната единица 5, Радмила Шекеринска, рече дека нејзината изборна порачува „Оваа држава им припаѓа на сите подеднакво, и на мажите и на жените, и на Македонците, Албанците, Бошњаците, Турците, Ромите, но најмногу на младите. Заврши времето на притисоци, уцени и закани. На 11-ти декември Македонија ја враќаме во рацете на граѓаните. Ќе има срежа и живот во Македонија“.

Петре Шилегов, носител на кандидатската листа во Изборната единица 6, рече дека во оваа изборна единица ќе биде „добиена битката за заедничка Македонија“.