
Една порака до јавната администрација, да не дозволат повеќе да ги лажат, упати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во понеделник вечер, од Охрид: „Груевски плати не ви дава од мајка му Нада. Плати дава од тоа што народот и вие плаќате даноци на оваа држава, не зависите од никого“.
„Испраќам порака, на никого нема да му фали влакно од главата сите што имаат намера чесно да си ја извршуваат својата работа, професионално, и отчетно кон својот народ, ви ветувам влакно нема да ви фали. Доста му се плашевте, доста треперевте, доста моравте лајкови да ставате на нивната страна, доста морате на митинзи да одите, доста ве понижуваше. Оваа земја е ваша, колку што е на сите други. Имате обврска и вие да се приклучите и да ја вратите оваа земја во нормала заедно со сите нас“, рече Заев.
Упати повик до јавната администрација, за неколку дена да им се приклучат рамо до рамо со нив да се одважат и да се охрабрат да ја остварат својата обврска да придонесат кон спасот на Македонија.
„Пенкалото на 11-ти декември и заокружување 4 за живот во Македонија“, порача Заев.
„Ве повикувам да гласате за бројот 4. Ве повикувам да гласате за живот во Македонија. Да ја зграпчиме детелинката со 4 листа, затоа што секој од вас заслужува среќа.
Имаме работлив народ, имаме одлична географска поставеност, имаме наши природни богатства и ресурси, имаме наши туристички можности, имаме наши минерални суровини! Ајде да му покажеме на светот дека може во Македонија да се живее исто како во западна Европа. Да гласаме за Живот во Македонија“, повика Заев.





