Заев: Од земјата се изнесени над 5,5 милијарди евра

Ние ќе победиме, режимот ќе падне. Ние веќе победивме, сега е ред на народот. Што јас сè слушнав од бомби, само Господ не слушнал, рече челникот на опозициската коалиција и лидер на СДСМ Зоран Заев во неделата вечер на предизборниот собир во Велес, обвинувајќи ја власта дека од земајта изнела повеќе од 5,5 милијарди евра и побара од неопределните да ја донесат неопходната разлика за да се направат промените во земјата.

Заев на митингот на опозицијата во Велес рече дека секој град се крева на нозе, затоа што народот бара слобода, демократија и слобода и порача оти доаѓа времето на промени.

„Кога велев дека мора да си дадат оставки, Груевски тврдеше дека кажувам бајки. Ама, после тоа следува оставки. Тој една година е во оставка. Кога за МРТВ велевме дека ќе ја води независен новинар тој не веруваше. СЈО работи и ја враќа правната држава. Останавме не зборот. Ние ќе победиме, режимот ќе падне. Ние веќе победивме, сега е ред на народот. Што јас сè слушнав, само Господ не слушнал. Уништувале, краделе пари, товареле бродови, однеле над 5,5 милијарди евра. На 5-ти мај никој не можеше да не спречи, се ќе згазевме, на клоци да ги шутираме од парламентот. Ама после тоа ќе немаше крај. Со пенкалото и гласот на народот ќе ги победиме. Граѓаните се на страната на вистината. Бидете горди на тоа“, порача Заев.

„Зарем да се правиме слепи и глуви ако ние не ја спасиме Македонија? Живот на колена не е живот. Вие сте нечиј деца, браќа и сестри, вие сте чеда на Македонија. Гласајте за слободна мајка Македонија“, апелираше Заев.

Претходно во неделата Заев, во Свети Николе побара неопределените гласачи да излезат на гласање и да ја направат пресудната разлика кон политички промени.

„Кога цел свет знае за злоделата што се правени во Македонија, кога и од ВМРО-ДПМНЕ знаат каква мафија е нивната врхушка, што ќе правиме, со пола уста ќе зборуваме? Овие 33 отсто кои не се изјаснуваат како ќе гласаат велат дека Македонија тоне, јасно е дека и тие се за промени, ајде да се изјасниме“, порача Заев.

Тој посебно испрати порака до администрацијата, примателите на субвенции, за кои рече дека треба да сфатат дека Никола Груевски не им дава пари од џеб, туку буџетски пари.

„Не се плашете, Груевски не ви дава плата од мајка му Нада, тоа се пари од Буџетот, вие ги заработувате. Субвенциите ви се загарантирани со закон. Ако не се изјасниме, ако не се одважиме, со кого ќе останете да живеете во Македонија?“, запраша Заев, зборувајќи дека од земјата има масовно иселување во странство.