Ски скокач тешко повреден на загревање, го удрил автомобил

Репрезентативецот на Словенија во ски скокови, Ернест Пришлич, на згревање, во близина на скокалницата Планица, се здобил со тешки повреди кога на него налетал автомобил. Несреќата се случила во неделата, но водечките медиуми во Словенија ја објавија откако информацијата се прошири на социјалните мрежи.

Пришлич (23) се загревал недалеку од нордискиот центар, кога во него удрил автомобил. Возилото, според сѐ уште непотврдени информации го управувал еден од вработените на скокалницата, пишува љубљанско Дело.

Членот на Б репрезентацијата на Словенија веднаш бил префрлен во Клиничкиот центар во Љубљана, каде сѐ уште се наоѓа во вештачки индуцирана кома. Тој има тешка фрактура на ногата и черепот.

Пришлич е член на клубот Загорје, а на младинското Светско првенство во 2013 година заедно со Јака Хвала, Ценет Превц и Анжет Сименич го освои златниот медал во екипна конкуренција.