Непалскиот кандидат за “Оскар“ од неанглиско говорно подрачје во 3Д Кино Битола

Драмата „Кало Поти“ или „Црвената кокошка“ од Непал, во режија на Мин Бахадур Бам ќе биде премиерно прикажана во среда (2 ноември) во 19.30 часот во малата сала на 3Д Кино-Битола.

Станува збор за приказна која е сместена во 2001 година во срцето на Мугу, област во северно-западен Непал за време на Непалската граѓанска војна (1996-2006). Ова е првиот филм кој доаѓа од Непал што беше прикажан на годинашниот Венециски филмски фестивал каде ја освои наградата Федеора за најдобар филм од жирито на филмските критичари. Филмот е годинашен кандидат за „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје. Продуценти на филмот се Ана Качко, Церинг Ритар Шерпа, Мин Бахадур Бам, Дебаки Раи, Кетрин Дусо и Ануп Тапа.

Филмот беше прикажан во официјалната програма во категоријата „кадети“ на фестивалот „Џифони Македонија“ што неодамна се одржа во Скопје.

Дистрибутер на „Кало Поти“ за Македонија е КТ Филм и Медиа од Битола, а дистрибуцијата е помогната од францускиот Национален филмски центар за подвижни слики (CNC).

Билетите за премиерата во 3Д Кино Битола се веќе во продажба. За повеќе информации околу продажбата на билетите на телефонскиот број 047 233 419.