Заев се надева дека Груевски „нема да направи белја“ во Македонија

Само политичка разрешница очекува лидерот на СДСМ, Зоран Заев од објавувањето на прислушуваните разговори, но не прецизира како тоа ќе се случи, кога премиерот Никола Груевски не планира да направи техничка влада или да даде оставка

„Оваа политичка криза е најверојатно најголемата политичка криза од самостојноста на Македонија, а Никола Груевски секојдневно ја носи земјата во сè подлабока криза. Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја белја во Македонија. Тоа нема да му го дозволиме ниту јас, ниту граѓаните“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.

Ако трпеливо се чека, според Заев, целата вистина да се изнесе пред јавноста, ќе дојдат и политичките решенија

„Мора да има политичка разрешница. Правна разрешница од ова ниту ќе има, ниту очекуваме да има. Трпеливо, со доволно време за да ја изнесеме целата вистина пред македонската јавност, а консеквентно на тоа ќе дојдат и политичките решенија“, рече Заев.

Заев се надева дека на премиерот „нема да му падна на памет да прави немири“.

„Времето што доаѓа апсолутно од него зависи. Дали ќе и’ олесни на Македонија и брзо ќе ги влече потезите во прилог на добрата иднина на Македонија или не. Крајот на овој режим и диктатура доаѓа“, рече Заев.

Тој вели дека правна разрешница на случајот може да се очекува во нормалана држава, со нормален правен систем.

„Само тогаш може да очекуваме правда, не само за сведоците, за процесот ’Пуч’ или за кој и да е Во нашата држава во 21-от век е дискутабилно дали ќе има правда или не. Кога ќе има нормален правосуден систем, тогаш вистината за тоа кој прислушувал, а кој не ќе биде обелоденета“, рече Заев.

Прашан дали има докази за евентуални нарачани убиства, лидерот на опозицијата договору кусо „Не, немаме“, но порача дека нема да скрие ништо што поседува.

„Со вакви луѓе, со цело ова прислушување, свесен сум дека ако нешто скриеме тоа го имаат, Сашо Мијалков и Никола Груевски и ќе можат да го свртат на наш грб. Затоа нема ништо да скриеме“, рече на прес-конференцијата Заев./крај/мф/бб

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax.