Груевски бара 20 пратеници од дијаспората

Дијаспората е премалку застапена во македонскиот парламент, смета премиерот Никола Груевски, па предлага да се смени моделот и место три пратеници како сега, да има 20 пратеници од дијаспората.

При денешната посета на пелагонскиот регион, Груевски рече дека на преговорите кои се водат во рамки на процесот за надминување на политичката криза, за изборите и изборната регулатива, дале предлог да се зголеми бројот на пратеници од дијаспората.
„Ние би сакале да имаме максимално транспарентни, чесни и правични избори. Тоа е нашата заложба и во тој правец ќе ја поддржиме секоја идеја која што е во таа насока. Покрај тоа, сакаме да се задржи можноста дијаспората да има свои претставници во Парламентот на Република Македонија. Мислам дека е прениско застапена и ние во работните групи дадовме една идеја, ако и другите политички партии прифатат, да го смениме моделот и наместо три пратеници на дијаспората, да има 20 пратеници на дијаспората, односно наместо досегашните три изборни единици по еден пратеник, да има една изборна единица, а во неа да има 20 пратеници. Според гласовите што партиите ќе ги добијат, така да се распределат тие гласови на пратениците кои ќе бидат на таа специјална изборна единица“, рече Груевски.

Тој додаде дека го поддржале предлогот на СДСМ за претходна регистрација на гласачите.

„Едно од основните обвинувања што СДСМ ги имаше кон ВМРО-ДПМНЕ беше дека има некакви гласови кои биле фантомски и преовладуваа изјавите од нив дека заради тоа загубиле на изборите. Ние без размислување во прва секунда го прифативме нивниот предлог за претходна регистрација и додадовме да биде и со електронски отпечаток од прст. Не само што го прифативме, сега и инсистираме бидејќи не сакаме на следните избори кога ќе победиме повторно опозицијата да бара алиби, дека нешто се случило, им се украле гласовите или слично“, рече Груевски, а тоа да важи за сите наредни избори, без разлика дали се парламентрани, претседателски или локални.

За менување на моделот на гласање, Греувски смета дека постоечкиот модел е добар и не покажал аномалии.

„Ако сакаме да прејдеме на модел каде ќе се гласа повеќе за личноста, а не толку за партијата, тогаш да не правиме хибридни варијанти, туку да си прејдеме на мнозинскиот систем каде што граѓаните ќе знаат, не само за која партија гласаат, односно од која партија доаѓа личноста, туку и која е таа. Тука можеме да додадеме и дека секоја партија што ќе победи да има плус 17 бонус пратеници заради стабилност на секоја идна влада“, ги објасни Груевски нивните предлози до работната група.

Преговорите на овие теми во работните групи во кои имаат претставници сите четири најголеми партии од власта и опозицијата продолжија во понеделник, во Клубот на пратеници.