Хуманоста на битолчани на дело

Најтешкиот лет на Горазд

Младиот Горазд Николовски, кој има само 22 години беше сестран спортист. Уште како мало дете  тој беше многу активен. Додека неговите другарчиња се интересираа за детските игри, малиот Горазд пројавуваше  интерес за многу спортови.

Кога имаше само 6 години тој почна да вози ролерки. Паралелно со тоа хоби, тој  нешто подоцна почна да скија. Мошне брзо се потврди како мошне надарен и талентиран скијач. Настапуваше на многу натпревари во државата, но и во странство, каде постигнуваше забележителни резултати. Но Горазд не се задоволуваше само со еден спорт. Додека многумина му предвидуваа успешна скијачка кариера, тој почна се почесто да го посетува аеро клубот “Мирко Тодоровски” и се интересираше за авионите. Набрзо и во овој спорт постигна забележителни резултати, освојувајќи неколку  први места во воздухопловно  моделарство.

Но неговиот адреналин не се задоволуваше и со овој спорт, па младиот Горазд се определи за возење велосипед. Мошне брзо го совлада и овој спорт и постигна извонредни  резултати, особено  во Маунт бајк крос натпреварите на Пелистер.

Неколку години подоцна Горазд возењето  на велосипед по карпите на Пелистер го замени со неговото ново хоби, искачување на карпи. Како “алпинист“ тој стана и репрезентативец на Македонија и учествуваше во искачување на карпи на неколку значајни натпревари. Во овој  мошне ризичен спорт тој покрај добрите резултати се стекна и со голем број на пријатели, како во Република Македонија така  и во светот.

          Огромен е списокот на упесите што Горзад ги оствари во искачувањето на карпи. Паралелно со  љубовта спрема спортот тој беше голем вњубеник и во музиката, особено во  електронската. Секогаш веселиот и расположен Горазд набрзо стана еден од најпознатите ди џеи во Битола и пушташе музика во голем број кафулиња и журки  во градот. Подоцна тој тоа свое хоби го покажуваше во Сончев брег во Бугарија.

Но сепак најголемата негова љубов беа авионите и тој сакаше  да стане пилот. Но, бидејќи не успеа да положи за пилот, сепак за да ужива во летањето Горазд се определи за параглајдингот и стана праглајдерист.

          Од пред извесно време Горазд се наоѓа на студии во Словенија. Но од пред извесно време судбината си поигра со него. Иако толку многу му се радуваше на животот  неодамна него го погоди подмолна  болест. Лекарите во Марибор, каде се наоѓа на студии  му дијагностицираа тумор на коленото.

Со цел да се спаси ногата на Горазд, а воедно и неговиот млад живот, деновиве во Клиничкиот центар во Љублјана му беше извршена тешка операција на коленото, која траела цели 9 часа.

Според последните информации кои ги имаме операцијата на коленото била успешна, но сепак третманот на Горазд ќе трае подолго време. Момнетно тој ја бие својата најтешка битка, не само за спас на коленото, туку и неговиот млад живот.

Иако се среќава со тешка болест, сепак тој е оптимист. И во моментот кога се соочува со најтешката здраствена криза тој е таков каков што беше секогаш,  ведар, насмеан, оптимист. Верува дека и овој пат како и во многу други  случаи ќе излезе како побендик.

Но, неговото лекување ќе чини доста скапо. Тој потекнува од сосема скромно семејство.

Битолчани веќе наголемо собираат  пари за лекување на Горазд.

Според информации на Битолски весник во Битола се организираат голем број акции за донирање на средства. И овој пат како и во многу други случаи битолчани ја покажаа својата хуманост.

Засега никој не знае ни колку ќе трае лекувањето на Горазд ни колку средства ќе бидат потребни за неговото лекување. Но важно е да се соберат доволно средства за покривање на трошоците.

Моментно Горазд е на лекување  во Клиничкиот центар во Љубљана. Со него е и неговата мајка, До неодамна во Љубљана беше и неговиот татко,

Иако болеста на Горазд тешко ги погоди, сепак сите тие се оптимисти и веруваат дека Горазд ке ја добие оваа битка. Тие се презадоволни од покажаната хуманост на битолчани. Тоа е нешто што со зборови не се опишува. Иако живееме во време на тешка криза битолчани сите во границите на своите можности донираат за Горазд.

Судбината неодамна си поигра со животната кариера на Горазд.  Ние сме сега на потег. Да му помогнеме на Горазд и да му овозможиме да ја спаси не само неговата нога, туку и својот млад живот.

М.Младеновски