УСАИД и Македонскиот Зелен Центар ја организираат 13. Годишна средба на граѓанските организации за животна средина и одржлив развој

usaid

Денес во хотелот Епинал, во Битола, проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени во соработка со Македонски Зелен Центар, ја отвори 13. Годишна средба на граѓански организации за животна средина и одржлив развој. Овој годишен собир има за цел зајакнување на мрежата и унапредување на заедничките стратегии и цели на еколошките граѓански организации во Македонија.

Раководителот на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, г. Игор Славкоски и претседателот на Македонски Зелен Центар имаа обраќања до присутните. Во неговата изјава, г. Славкоски истакна: “Оваа годишна средба претставува најголем собир на граѓанскиот сектор од областа на животната средина и одржливиот развој во Македонија, која започнувајќи од 2000 година, традиционално се организира секоја година.  На овогодинешниот состанок ќе направиме чекор напред во нашите напори да се воспостави заеднички пристап на македонското движење за животната средина во соработката со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), како и со меѓународните програми за животната средина”.

Овогодинешниот состанок има за цел да ја зајакне улогата на координативното тело за соработка помеѓу еколошките граѓански организации и МЖСПП, преку утврдување на клучните одговорности, формирање на работни групи, развој на акционен план и зајакнување на мрежата на граѓанските организации кои се активни на полето на животна средина и одржлив развој во Македонија . Состанокот ќе обедини повеќе од 40 претставници од еколошки граѓански организации и претставници од МЖСПП со цел да се олесни неопходната соработка и да се поттикне дијалог со носителите на одлуки за важни прашања поврзани со климатските промени и животната средина.

Проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија, од 2012 година е поддржувач на годишната средба на граѓанските организации кои работат на полето на животна средина и одржлив развој, со цел зајакнување на еколошкото движење во Македонија, подигнувајќи ја свеста на еколошките граѓански организации за климатските промени и зајакнувајќи ја врската меѓу граѓанскиот сектор и носителите на одлуки во областа на животната средина и климатските промени во Македонија. Зајакнувајќи ја мрежата на еколошките граѓански организации, преку овие годишни средби, Проектот ја промовира иновативната методологија Зелена агенда за развој на општински стратегии за климатски промени и видливите резултати на проектот кои ја зголемуваат локалната отпорност кон климатските промени во десет општини во Македонија.