
Индустриската зона „Жабени“-Битола наскоро ќе биде збогатена со два нови инвеститори од Италија и Турција.
На денешната традиционална празнична прес конференција што градоначалникот на општина Битола Владимир Талески ја организира во предвечерието на 4. Ноември – Денот на ослободувањето на градот, соопшти дека со новите инвестиции во индустриската зона „Жабени“ ќе се зголеми бројот на нововработувања во општината.
-Кон новиот инвеститор „Цера метал“ од Атина кој купи повеќе парцели за својата инвестиција вредна околу 12 милиони евра, наскоро ќе се придружат уште два нови инвеститори. Станува збор за една компанија од Турција која ќе произведува алатки за земјоделски машини, и една компанија од Италија која ќе гради фабрика за преработка на зеленчук во прав за потребите на хотелиерите, најави Талески.
Во периодот меѓу двата празника во општина Битола продолжи изградбата на инфраструктурни проекти, комунални и други инвестиции, сообраќајници и улици, а ќе бидат изградени и нови велосипедски патеки, најави Талески.
-Нашата програма ги содржи идеите на граѓаните, а наскоро ќе реализираме уште една поврзана со претстојната акција „Ден на дрвото“. Подготовките за акцијата се во тек и ги повикувам граѓаните да се јавуваат во ЈП „Комуналец“ каде бесплатно ќе добијат дрвца садници кои ќе ги засадуваат во својот двор, населба, или друга локација со што ќе овозможиме освен пошумување да има и засадување дрвца во урбаниот дел на градот, потврди Талески.
Празничната програма на општина Битола посветена на 4. ноември денот на ослободувањето на градот продолжува вечер со традиционалната ноќна атлетска трка на Широк Сокак, утре претпладне градоначалникот Талески ќе приреди прием за претставници на Сојуз на борци и гости од збратимените градови, а утревечер ќе се одржи свечена академија на која ќе бидат доделени највисоките општински признанија, наградите „4. Ноември“.





