
Мигрантската криза допрва почнува, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти, во понеделникот македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Бугарската академија на науките (БАН) во Софија, каде одржа предавање на тема „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“.
„Како што бројот на бегалците ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува, истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа, бидејќи колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците“, изјави Иванов.
„Замислете го парадоксот со кој се соочуваме. Македонија која не е членка на Европската унија ја чува Европа од ЕУ“, рече Иванов, потсетувајќи притоа на договорот меѓу ЕУ и Турција од 18 март годинава, со кој „балканската рута“ користена од бегалците беше затворена.
Според шефот на македонската држава, во наредните пет години во однос на мигрантската криза ќе се соочиме со два предизвика. – Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген територијата. Доколку Брисел продолжи со примента на бирократските мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на Шенген зоната, додаде Иванов.
„За успешно да одговорат на овие предизвици, носителите на одлуките мора да се потпрат врз науката, која треба да не запознае со сложената и динамичка реалност на 21 век. Од демографската експлозија на Африка и Азија, преку константната миграција кон урбаните центри, па се до растечката различност на градовите и мегалополисите. Само науката и нејзините институции, како што се универзитетите и академиите може да ги подготви европските институции за третиот милениум“, нагласи Иванов.
На свечена церемонија во Бугарската академија на науките во понеделникот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му беше доделена титулата „Почесен доктор на науки“ на БАН. На доделувањето присуствуваа голем број амбасадори, претставници на дипломатскиот кор во Бугарија, академиците од МАНУ, Таки Фити и Владо Камбовски. Претходно Иванов оствари средба со претседателот на БАН академир Стефан Воденичаров.
Во рамки на дводневната работна посета на Бугарија, во вторник македонскиот претседател ќе оствари средби со неговиот бугарски колега, Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев. На средбите ќе стане збор за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и можностите за унапредување на билатералната и регионалната соработка.





