Најмалку еден турски дипломат кој до летото бил на функција во Загреб се смета за исчезнат, како и дека „е непознато што се случило со доскорешниот турски амбасадор Ахмет Тута и неговата сопруга Мина Тута“, пишува хрватскиот магазин Nacional, повикувајќи се на два независни изворa.
Еден извор вели дека турските дипломати биле однесени во црни вреќи од Хрватска во непознато од страна на Ердоганови луѓе.
На најсилен удар во Хрватска се најде Бекир Алпула, доскорешниото турско аташе за култура во Загреб. Се бараше од хрватските власти да му се одземат дипломатските документи и да биде депортиран во Турција, а тој од странските дипломати во Загреб, бараше помош. Покрај него, за исчезнат се смета и Ајтуг Секер, доскорешен турски воен дипломат во Босна и Херцеговина.
По неуспешниот пуч во Турција, во повеќето земји со кои Турција има дипломатски односи упатени се списоци со имиња на турски дипломати кои Ердоган ги прогласи за приврзаници на Фејтулах Ѓулен и на пучистите, пишува Nacional. За сите луѓе кои се на списоците се бара да се депортираат во Турција и да им се откаже гостопримството.
Инаку, Турција отпушти 15.000 јави службеници, воени офицери, полицајци и други и затвори 375 институции и медиуми во рамки на истрагата за неуспешниот обид за државен удар, објавија властите во два официјални указа.
Повеќе од 110.000 луѓе се отпуштени или суспендирани од војската, цивилните служби, правосудството, а 36.000 луѓе се во затвор и чекаат судење, како дел од истрагата за обидот за пуч.
Анкара го обвинува имамот Фејтулах Ѓулен, клерикот кој живее во САД и негвоите приврзаници кои ги нарекува ѓуленистичка терористичка организација, за организирање обид за удар во кој беа убиени повеќе од 240 луѓе.
Ѓулен кој живее во Пенсилванија од 1999 година ги отфрли тие обвинувања.