
Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи се две пријателски и соседни држави кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина, ова се заклучоците од средбите кои македонскиот претседател Ѓорге Иванов во вторникот во Софија ги оствари со неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев.
„Договорот меѓу нашите две земји се уште не е завршена работа. Веќе поминаа многу години да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени“, изјави Иванов по средбите, изразувајќи надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и нијанси на формулации со што ќе се заврши овој долг процес на усогласување и ќе го имаме договорот.
„Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопатишта, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и за блиските односи меѓу институциите“, истакна македонскиот претседател.
На средбата Иванов му посакал успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го поканил во официјална посета на Македонија. „Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме“, рече Иванов, додавајќи дека за време на посетата на соседна Бугарија остварил конструктивни и корисни разговори за прашањата кои се во интерес на двете земји.
На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија. „Не очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени“, нагласи претседателот.
Иванов посочи дека Бугарската академија на науките и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруват односите меѓу нашите две земји.
„Ние имаме многу работи од минатото кои се уште ни натежнуваат и не оптоваруваат во многу односи, но академиите покажаа зрелост да разговараат за сите прашања. Кога ќе се соочите со аргументи, факти и научни пристапи можете за секое прашање да најдете одговор. Тоа е позитивен пример што го истакнав и сметам дека треба да го следат и другите институции“, рече Иванов.
Доделувањето на титулата „Почесен докторат на науки“ од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии. „Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед има особена тежина и значење“, нагласи македонскиот претседател.





