Потпишан документот „Одлука сега за денот потоа“

Претставници на дел од партиите учеснички на предвремените парламентарни избори до декември, потпишаа документ, заложба за вклучување на повеќе граѓански барања за подобрување на состојбите во повеќе сектори, процес кој беше поддржан од канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт во Македонија и се нарекува „Денот потоа“.

„Станува збор за еден документ во којшто се содржани сите сегменти од општеството за којшто граѓанските организации и граѓанството во целина ќе бара натаму заложби од  партиите, по изборите. Партиите треба и декларативно, но и да потпишат дека ќе се заложат за она што ние сме го констатирале во документот и дека ќе го спроведат препораките коишто се содржани  во секое поглавје“, рече Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, кој работеше на делот на правосудство, ЛГБТ права и темелни права и демократија, каде спаѓаат фундаменталните права, правото на здружување, слободата на изразување, казнено-поправни установи, но и ранливи групи.

Таа рече дека со години работата е иста, на пример, во затвори, притвори со години наназад се нотираат истите состојби, а Македонија назадува кога станува збор за темелните права.

„Некои права што сме мислеле дека се освоена територија фактички поради  нефункционалноста на системот мораме повторно да ги усвојуваме. Имаме препораки за законот за приватност да се спроведе во согласност со препораките на Венецијанската комисија. Тоа се препораки кои веќе биле доставувани до државата, биле објавувани од Хелсиншкиот комитет години наназад и истите може да се најдат во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Бараме цврсто заложување дека тие препораки ќе бидат имплементирани“, вели Пировска.

„Беа направени барања за итни заложби и во делот на животна средина и во делот на одржлив енергетски систем. Демократизацијата на животната средина, транспарентност во трошењето на јавните пари. Во однос на зелениот енергетски систем заложби за декарбонизација, за децентрализација на енергенсткиот систем, за декарбонизација на транспортниот систем и секако за намалување на енергетската сиромаштија за либерализирање на енергетскиот пазар“, рече Невена Смилевска од Центар за истражување и информирање за животна средна Еко-сист.

Документот го потпишаа Радмила Шекеринска од СДСМ, Павле Трајанов од Демократски сојуз, Стојанче Ангелов од Достоинство, Лилјана Поповска од ДОМ, но изостанаа претставници на партиите кои се дел од владејачката коалиција.