
На пазарен ден, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се сретна со жителите на Росоман, каде имавше прилика да се види со многу луѓе коишто продаваат на пазарот, но и луѓе коишто купуваат, а од тоа што го зборуваат разбра дека секаде е исто, тежок живот, се нема пари.
„Ниту се задоволни тие луѓе што продаваат, ниту тие што купуваат. Пуста сиромаштија е присутна насекаде по целата наша Македонија. Тиквешијата и оваа срцевина на Тиквешијата навистина блика со работлив народ, со чесен народ, со скромен народ, кој долги години живее во сиромаштија, а оваа година е посебно тешка. Беше катастрофално со праските затоа што, навистина, ниту откуп се има, а луѓето велат, дури добро е тоа што измрзнаа за да ги фрлат самите праски. Мислам дека покрај праските, грозјето и остатокот од земјоделско производство коешто се обработува овде во овој земјоделски крај, е со катастрофални последици, пред се по откупот и по цените по коишто се продава“, додаде Заев.
Порача дека она што државата треба да го направи е пред се, да обезбеди пласман на тоа земјоделско производство.
„Како што рече еден земјоделец, не очекуваме од политичарите да копаат, да вадат, да берат и да продаваат земјоделски производи. Нивно е да ги отворат пазарите, да обезбедат откуп и да направат конкуренција кој повеќе ќе плати да го купи земјоделското производство“, рече Заев.
Порача дека на 11 декември ќе се случат промените.





