Попоски и Курц усвоија Акциски план „Австрија-Македонија 2017“

Министрите за надворешни работи на Република Македонија и Австрија Никола Попоски и Себастијан Курц во понеделник усвоија Акциски план „Австрија – Македонија 2017“.

Во Планот се опфатени заеднички проекти за практична соработка во повеќе области – европска интергација, економија, животна средина, култура, образование и наука.

„Акцискиот план е одличен пример на заемен интерес за соработка преточен во конкретни проекти со мерливи резултати, и ваквиот пример Република Македонија настојува да го промовира и со останатите земји“, истакна Попоски.

Во рамки на работната посета на австрискиот министер на Република Македонија, се разговараше за  билатералните односи и соработката, европската интеграција на Република Македонија, бегалската криза, која ја потврди потребата од засилена меѓусебна соработка, со цел одговор на предизвиците со кои денес Европа се соочува.

Двајцата министри заклучија дека билатералните односи и соработката одлично се развиваат. Од двете страни постои интерес за понатамошно унапредување на економската соработка, особено што Република Австрија е втор по големина инвеститор во Република Македонија, со 40-тина австриски компании на македонскиот пазар и трговска размена од повеќе од 100 милиони евра.

Посебен акцент на разговорите беше ставен на евоинтегративниот процес на Република Македонија од страна на Австрија, истакнувајќи ја целосната поддршка и помош во тој правец. Од македонска страна беше изразена целосна поддршка и подготвеност на Република Македонија за соработка за време на австриското претседавање со ОБСЕ во текот на следната година, поздравувајќи ги приоритетите, како што се: борба против радикализмот, континуираното зголемување на воените конфликти и повторно воспоставување доверба меѓу земјите-членки на ОБСЕ.

Спроведувањето фер и демократски избори на 11 декември исто така беше една од главните теми на разговорите, во чии рамки беше истакнато очекувањето од австриска страна народот во Република Македонија да пресуди која е најдобра опција за нив, со цел стабилизирање на состојбата потоа и ставање крај на политичката криза.