Заклучен Избирачкиот список, брои 1.784.416 гласачи

Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список, а на предвремените парламентарни избори на 11 декември право на глас имаат 1.784.416 граѓани.

Од нив во единствениот Избирачки список во Република Македонија се запишани 1.531.368 граѓани, а за гласање во Дипломатско – конзуларните претставништва се регистрирани 230.122 гласачи.

Но, голем дел од нив не поднеле пријава за гласање во законски предвидениот рок, па така само 20.573 гласачи кои живеат и работат во странство имаат право да гласаат за пратеник од седмата изборна единица.

Во затворите низ државата право на глас имаат 2.015 лица кои во моментов се наоѓаат на издржување на казна затвор. Според препораките од Државната изборна комисија ако тие гласачи немаат важечки документ за идентификација (лична карта или пасош), ќе можат да гласаат со домска односно затворска легитимација. На Избирачкиот список се регистрирани и 13 внатрешно раселени лица.

На списокот како посебна бројка се додадени и 325 гласачи, кои се членови и заменици членови на избирачки одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во Дипломатско – конзуларните претставништва. Тие ќе гласаат во Државната изборна комисија три дена пред изборите.

Избирачкото ливче ќе ги содржи имињата на сите 11 коалиции и партии што имаат кандидати на изборите. Во онаа изборна единица каде поголем број од жителите се припадници на некоја од заедниците избирачкото ливче ќе биде на македонски јазик и на нивниот мајчин јазик.

За споредба, на изборите во 2014 година во единствениот избирачки список беа запишани вкупно 1.780.128 граѓани со право глас односно на овие парламентарни избори има 4.348 гласачи повеќе. На денот на изборите, на 27 април 2014 година на гласање излегоа 1.120.744 гласачи или 62,96 отсто.