
Либерално-демократската партија се залага за трансформиран и независен субјект на пензионерското здружување, за да не се случи повеќе еден човек да одлучува во името на сите пензионери.
Од ЛДП велат дека тоа што раководството на Сојузот на пензионерски здруженија, во името на сите пензионери потпиша коалиција, партиски пакт, со ВМРО ДПМНЕ, не треба да се случува.
„Доста ни е од ваква автократија, која е преземена директно од досегашното владеење на ВМРО ДПМНЕ. Дали претседателот Драги Аргировски може да излаже и да ги убеди пензионерите да гласаат за неговата политичка опција. Сигурно не, доста ни е од неговите залажувања. Пензионерите не се “продаваат“, сакаат да бидат дел од општеството, во добро и во лошо“, велат од ЛДП.
ЛДП ќе се заложи за трансформација на сојузот во едно советодавно тело за потребите на координација на активностите на општински организации на пензионерските здруженија и останатите субјекти од пензионерскиот интерес, за редовно ротирање на членовите на советодавното тело, за прераснување на општинските организации на пензионери според нивните потреби во независни самостојни здруженија на пензионери.





