ВМРО-ДПМНЕ: Избирачкиот список покажа дека СДСМ лажеше за фантомите

Со затварањето на Избирачкиот список се затвори и едно од најсрамните поглавја во историјата на независна Македонија, во кое СДСМ цели две години ја лажеше и манипулираше македонската јавност дека имало половина милион фантоми, констатираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Измислените половина милион фантоми беа главниот аргумент на СДСМ да ја оспорува волјата на народот од изборите во 2014 година и да ја втурне Република Македонија во најголемата политичка криза. Новиот избирачки список има 5.000 повеќе гласачи од Избирачкиот список во 2014 година. Составот на ДИК во кој мнозинство има токму СДСМ потврди дека на Избирачкиот список сега брои 1.784.524 избирачи за разлика од списокот во 2014 година кој броеше 1.779.500 избирачи. Единствената забелешка која СДСМ ја достави до ДИК беше листа со 38 имиња на граѓани кои починале, а кои веќе биле избришани од избирачкиот список“, велат од партијата.

„Остануваат уште 12 дена до историскиот момент кога граѓаните со пенкало во рака ќе му порачаат на аболицираниот Зоран Заев дека неговите сценарија за редефинирање на државата не минуваат“, додаваат.