
Ние имаме план за младите во Македонија. Имаме план за живот во Македонија. Тој план подразбира повеќе работни места и подобро платени работни места, изјави во среда во Струга Радмила Шекеринска, носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ5.
„Затоа во нашиот План за живот во Македонија предвидуваме минималната плата во нашата држава веднаш да ја покачиме на 12 илјади денари, на крајот на мандатот таа постепено ќе се зголемува, и ќе изнесува 16 илјади денари. Паралелно со зголемувањето на минималната плата ќе ги зголемуваме платите и во здравството, и во образованието“, рече Шекеринска.
Таа најави дека двојно ќе ги зголемат платите на сите коишто работат во здравство и се дел од медицинскиот кадар, и лекарите и медицинските сестри и болничарите.
„На тој начин ќе ги задржиме да останат во јавното здравство на Република Македонија“, нагласи Шекеринска.
Според неа, ниту еден наставник или професор кој работи во образованието нема да има плата пониска од просечната плата.
„Со серија на мерки со зголемување на минималната плата, со поддршка на домашните компании, со зголемувањето на платите во здравството, и во образованието ќе обезбедиме просечната плата во Македонија да изнесува 30 илјади денари. На тој начин ќе го враќаме животот во Македонија, на тој начин ќе обезбедиме шанси за сите во Република Македонија“, порача Шекеринска во Струга.





