
Расипничкото трошење на буџетските пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ резултираше со историски највисок јавен долг во висина од 4.7 милијарди евра. Огромниот јавен долг и непродуктивното задолжување останува единственото наследство од десетгодишното владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението од СДСМ.
Според социјалдемократите, Груевски и ВМРО-ДМНЕ ја донесоа економијата пред бездната, а со расипничкото задолжување ги заглавија идните генерации да ги враќаат долговите направени заради популизам.
„Затоа после 10 години крчмење на буџетот ВМРО-ДПМНЕ не смее повеќе да управува со парите на граѓаните. Затоа на 11 декември граѓаните ќе го поддржат Планот за живот во Македонија и ќе изберат живот во Македонија. Ќе изберат Влада која со Буџетот ќе управува одговорно и домаќински“, порачуваат од СДСМ.
Тие потсетија дека по промените, новата влада предводена од СДСМ со буџетот ќе раководи транспаренто и одговорно, а криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело.
„Ќе формираме независен фискален совет, совет кој ќе обезбеди транспарентност во фискалната политика и кој ќе биде составен од независни експерти кои ќе се бираат во Собранието. Како најважна мерка против задолжувањето ќе биде ставањето крај на непродуктивното задолжување. Никогаш повеќе Македонија нема да се задолжува за градење споменици, галии и Панорамски тркала. Никогаш повеќе нема да се задолжува за да се финансираат скапи и неодржливи проекти“, истакнуваат од СДСМ.





