Груевски: Со проектот „Рурални развојни зони“ ќе се намали невработеноста

Населените места од општината Кривогаштани ќе бидат дел од проектот „Рурални развојни зони“ со кои се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја, најави во четврток на собир со граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Проектот „Рурални развојни зони“,ги опфаќа селата Боротино, Воѓани, Бела Црква, Пашинорувци, Обршани, Подвис, Славеј, Врбјани, Годивје, Крушеани, Кореница и Кривогаштани.

Груевски рече дека преку овој проект ќе се овозможи намалување на невработеноста во руралните подрачја, што е и една од мерките предвидена со новата програма на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така во фокусот на програмата меѓу другите се и домувањето, инфраструктурата, а Груевски најави продолжување на силната поддршка за земјоделството во вид на субвенции.

Предвидуваме 600 милиони евра субвенции, зголемување на субвенциите на 60 отсто за набавка на трактор, механизација, опрема и подигање насади, рече Груевски пред жителите на Кривогаштани.

Исто така, со програмата се предвидува доделување неповратни средства во висина до 10.000 евра за младите земјоделци кои влегуваат во земјоделски бизнис.

Предвидени се пакети за поддршка на инвестициски проекти за преминување на малите земјоделски стопанства во повисока развојна категорија со кофинансирање до 90 отсто.