Спасовски: Ги почитувам мислењата на ДКСК

Сите овие решенија за распоредување работници на конкретни работни места во Министерството за внатрешни работи се донесени пред денот на донесување на Одлуката за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието, појасни во четврток министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, откако Државната комисија за спречување на корупцијата, порано денеска донесе одлука обвинителството да покрене постапка против министерот.

„Единствените решенија за распоредување на вработени во МВР  што ги имам донесено како министер за внатрешни работи се согласно  член 44 став 4 и 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија кои предвидуваат дека министерот може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во Министерството и хоризонтални распоредувања, на вработени кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

Додаде дека заради нормално функционирање на Министерството за внатрешни работи и поради недостаток на работници во одредени организациски единици во МВР, по   денот на донесување Одлука за распишување на избори за избор на пратеници во Собранието се донесени Наредби со кои определени работници се задолжуваат  да извршуваат работи и задачи  од конкретни работни места каде се појавува недостаток од полициски кадар, за ограничен временски период од 30 дена.

„Наредбите не претставуваат Решенија за распоредување и тоа е исклучиво законско право на Министерот за внатрешни работи регулирано со член 153 и 154 од Законот за внатрешни работи. Вакви наредби потпишувам секојдневно на предлог од директорот на БЈБ и за нив нема никаква реакција. Министерството за внатрешни работи е  еден од најголемите и најчувствителните државни органи со над 12.000 вработени и можете да замислите што ќе се случи доколку престанам да потпишувам акти со кои ќе се сопре тековното функционирање на органот“, рече министерот Спасовски.

Рече дека го почитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупција бр. 42-6980/2 од 09.09.2016 година и Мислењето  бр. 12-4119/25 од 16.11.2016 година  доставено до Министерството за внатрешни работи  каде јасно  е наведено дека од денот на донесување на Одлука за распишување на избори до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, јавните установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговските друштва основани од државата и други институции основани од државата и други државни органи.

„Овие документи  од Државната комисија доследно се почитувани од МВР и по денот на донесување на Одлука за распишување на избори не е донесено ниту едно Решение за распоредување“, додаде тој.