Трајанов: Ќе му објавиме војна на организираниот криминал

Павле Трајанов, носител на кандидатската листа за пратеници во првата- Скопска изборна единица во петок разговараше со поголем број на граѓани од Аеродром, при што ги презентираше и  приоритетите од Изборната програма нa Коалицијата за промени и правда.

На пресот го промовираше проектот „Декри“, со кој се објавува војна на организираниот криминал.

„Веднаш по изборите ќе формираме агенција за борба против организираниот криминал, чиј директор со мандат од седум години ќе го избира Парламентот со двотретинско мнозинство на предлог на независно тело составено од универзитетски професори, новинари, претставници од граѓанскиот сектор, експерти и др“, рече Трајанов.

Тој појасни дека агенцијата ќе работи на откривање на скриениот капитал на функционерите и на сите други вклучени во тешки облици на организиран криминал.

„Во законита судска постапка, криминално стекнатиот капитал, ќе се конфискува и преку посебен фонд со кој ќе управуваат граѓаните, ќе се враќаат украдените пари, токму на граѓаните. Проценките се дека од Македонија се извлечени околу 30 милијарди евра од кои над 5 милијарди евра во последните 10 години. Овие пари се на контата на функционери, актуелни и поранешни, како и на контата на бизнис елитата односно олигарсите во Македонија“, истакна Трајанов.

Според него, со реформите на безбедносните служби, се предвидува формирање Совет за национална безбедност, укинување на полициските овластувања на УБК и формирање на Оперативно технички центар(прислусхен) под директна контрола на Парламентот.

Дел од реформите што ги најавува Трајанов се и враќањето на позорникарите-полицајци, во населбите, и во функција на поголема заштита на имотот и зголемување на безбедноста во целина.