
Ќе создадеме квалитетно образование, коешто ќе нуди квалитет а не квантитет. Ќе покренеме веднаш јавна расправа и дебата за суштински и крупни реформи во образованието, а институциите мора да работат единствено во функција на граѓаните, порача во петокот Љупчо Николовски, носител на кандидатската листа на СДСМ и опозициската коалицијата во Изборната единица 3.
“Екстерното тестирање ќе го укинеме, затоа што е непотребно. Ќе го намалиме бројот на часовите за децата. Ќе го намалиме бројот на предметите. Паралелките ќе бројат 25, а не 40 деца и ученици. Ќе ги укинеме сите казни за наставниците и во целокупното образование. Наместо казни ќе воведеме мотив и награди за најуспешните и најдобрите наставници“, рече Николовски на предизборниот собир.
Кандидатот на СДСМ вети дека во најдобрите педесет основни училишта и во најдобрите десет стручни школи, вработените и наставниците ќе добиваат, во следните 12 месеци 20 отсто поголема плата, како награда и мотив за квалитетното образование.
„Ќе воведеме плурализам во студентското образование, ќе создадеме ќе изградиме нови студентски градови, во Скопје, во Битола и во Штип. Непотребните административни формални и бирократски процедури со кои се оптоварени вработените, наставните, професорите, ќе ги укинеме и ќе ги елиминираме, за да можат да се посветат во квалитетот на образованието. Нашиот фокус ќе биде развој на средните стручни училишта, заедно во партнерство во приватниот сектор“, додаде Николовски.
Ги истакна своите заложби во претстојниот период да биде вратена автономијата на универзитетите.
„Потребна ни е на сите нас промена, сеопфатна и крупна во целокупниот образовен процес. Токму затоа повикуваме гласајте за бројот четири, за да имаме образование кое што учи, за да имаме институции коишто работат единствено во функција на граѓаните’, порача Николовски.





