
Граѓаните на 11-ти декември треба да си го вратат животот, затоа што никој од нас нема резервен, а Планот за живот ќе биде учебник за секој член на идната власт која гарантира достоинствен живот за сите во Македонија, порача во петокот вечерта од Валандово Зоран Заев, челникот на СДСМ и опозициската коалиција, носител на кандидатската листа во Изборната единица 4.
„Народот е разбуден, како котел врие цела Македонија. Народот го чека 11-ти декември за да си ги врати слободата и демократијата, за да си го врати животот во Македонија. А Валандово вечерва е уште една потврда за тоа. Уште една потврда за голема победа“, рече Заев на митингот во Валандово.
Сите што, како што рече, сé уште молчат Заев ги охрабрува „да не се плашат од злосторничката банда на Груевски“ и да се вклучат „во борбата за живот“. Посебно им се обрати на членовите на ВМРО-ДППМНЕ и им порача дека тие не се виновни, туку „само неколкумина од врвот на партијата“.
Заев, исто така, му се обрати и на челникот на владејачката партија Никола Груевски со кого директно ќе се соочат ова истата изборна единица, и го повика „да не се плаши и да излезе на дуел, очи в очи“ да разговараат за економијата, за младите, за вистината во Македонија.
Заев ги повика и валандовчани да не се плашат и „со кренато чело на 11-ти декември да му кажат збогум на Груевски и сите заедно да си го вратиме животот затоа што тој е само еден, резервен немаме“.





