
Коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ во саботата вечерта во Битола одржа митинг на кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев побара поддршка за победа на претстојните парламентарни избори и за формирање на стабилна и реформска влада.
„Барам поддршка за чесно да работиме за Македонија, да оставиме печат и да покажеме дека Македонија може да биде земја за почит, земја со која ќе се гордееме, земја со власт заради народот. Во овој 21 век, ќе се бориме за повеќе пари во секое семејство, да растат пензиите, да има достоинствена социјална помош и социјална држава, да нема маргинализирани лица. Ако сме земја која што сака европска иднина, тогаш во Македонија ќе има европски вредности, Европа ќе ја донесеме тука и тогаш ќе станеме членка на Европската унија“, рече Заев.
Критикувајќи ги проектите што се реализирани во изминатиот период од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Заев најави дека доколку победат уште во првите месеци ќе преземат конкретни мерки во повеќе сфери кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.
„Ќе ја зголемиме социјалната помош од 2.500 на 12.000 денари за социјално најзагрозените да имаат достоинствен живот. Ќе ги зголемиме енергетските капацитети во државата, ќе инвестираме за да не увезуваме струја и да не трошиме по 180 милиони евра годишно за увоз на струја. РЕК Битола ќе продолжи да биде главниот енергетски производител во Македонија, но државата директно ќе инвестира во филтри, во еколошката заштита бидејќи не можеме да живееме со раст на болестите и карциномни заболувања. Ќе има новини во здравството и затоа ќе воведеме бесплатно болничко лекување за сите, рече Заев.
„Се радувам што гледам ваква масовност во Битола и морам да кажам вредеше. Бидете горди оти се боревте за нашиот народ, за нашата Македонија, за животот кој што ни го украдоа. Една мајка ми кажа врати ми го детето дома. Нема живот без деца, нема живот ваков каков што живееме. Еден пусти живот имаме. Ве повикувам да ја довршиме борбата. Режим паѓа, живот враќаме. Да го вратиме животот кој битолчани го живееја а заборавија да го живеат. Дозволете да си го дадам својот збор. Знаеме дека режимот паѓа, но тоа не е доволно. Луѓето очекуваат чесни политичари кои ќе ги водат. Јас сум Зоран Заев кој ги извади бомбите, маваше на овој режим се додека не го клекна. Е тоа е гаранцијата дека ќе бидам различен од Груевски и од сите други. Секој прес од проектот „Вистината за Македонија“ завршуваше со пораката „Никогаш повеќе да не се повтори“ – тоа е гаранцијата“,рече Заев.
Тој вети дека во првата година од новата власт предводена од СДСМ поддржувачите во борбата против овој режим ќе можете да кажат „Ете, видовте дека може и во Македонија“.
„Ви ветувам јавно уште во првата година ќе почувствуваат враќање на животот во Македонија. Главно е да ги вратиме парите назад кон граѓаните. Нема иднина со сиромаштија. Конечна цел ние вработен човек да има просечна плата од 500 евра. Овие бандити не само што ќе ги стигне правдата, не само што ќе одговараат пред независно судство, туку ќе ги вратат парите, зашто тие пари се украдени од вас. Знаат сите колку аздисана криминална власт ја води Македонија. Се прашуваме зошто уништувале цели семејства, новинари, објекти, зошто станале богови, а се долу за нив било раја? Кога не знаеш зошто, да знаеш дека пари се во прашање, велеше дедо ми. За пусти пари, за моќ, за власт Македонец удрил врз Македонец. Ова е модерно робовладетелско општество кое за пусти пари го продаде својот народ“, рече Заев.
Челникот на СДСМ рече уште дека е дојдено време „народот да ја спушти театарската завеса“.
„Доаѓа време да кажеме доста на овој режим на 11. декември. Заев најави инвестиции, заштита на работниците и К15 за работниците во РЕК Битола. Најави намалување на бројот на предмети во основното образование. Прва одлука на влада ќе биде укинување на екстерното тестирање.
„Го понижија спортистот. Што дека изградија сали? – рече Заев и најави спортски фонд, а рацете на политичарите надвор од фондот Сега кога знаеме се. Вие што сте овде сте донеле одлука. Што, не ви се закануваат вам? Ајде да ги повикаме да ни се приклучат и тие што се дома затоа што и тие имаат обврска кон Македонија. Се плашиме дека ќе изгубиме субвенции? Па татковината ја изгубивме. Знам дека ќе победиме, но ми треба поддршка за стабилна реформска влада за храбри одлуки. Барам поддршка не за 63 пратеници туку за сите жители на Македонија, да се обидеме да вратиме голем дел од заминатите од земјава. Да оставиме печат и да покажеме дека Македонија може да биде земја за почит, земја која што ќе постои заради народот и за ништо друго“. рече Заев.





