Заев во Могила вети подобрување на состојбите за земјоделството

Состојбите во земјоделството ќе се променат. Најважната мерка во новата Влада ќе биде да обезбеди пласман и државата да гарантира за откупните центри, вети лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред земјоделците од Могила.

„Стратешките производи како житото, тутунот, јаболкото, дел од градинарските производи и други производи којшто се важни за Македонија ќе бидат приоритет на идната влада и Владата ќе биде таа којашто ќе посредува помеѓу земјоделските производители и откупувачите. Работата на земјоделците ќе биде да произведат квалитетно земјоделско производство и колку што е можно по обем повеќе, а државата ќе биде таа којашто во нивно име ќе застане во разговори со откупувачите се со цел да ги покачиме цените и да обезбедиме достоинствен пласман. Ќе обезбедиме нови пазари коишто досега се затворени за македонските пазари и за нашето земјоделије со што ќе створиме натпревар помеѓу откупувачите кој повеќе ќе плати тој да го откупи земјоделското производство“, рече тој.

За производството на тутунот, вети субвенции зголемени од 80 денари за првата класа, 70 денари за втората класа, и 60 денари за третата класа, а четврата класа ќе се укине.

„Вкупните субвенции ќе бидат 160 милиони евра годишно тие ќе доаѓаат до вистинските земјоделци и преку тоа ќе можат да добиваат субвенции навремено, тогаш кога им треба и со конечни цели за ефекти којшто сакаме да ги постигнеме со земјоделството. Пример, ако 3 тона, се вади од 1 хектар жито, секој оној којшто ќе произведе 10% повеќе или 3,3 тона повеќе за 10% за вкупната количина ќе добие повеќе субвенции, целта е да мотивираме зголемена продукција на земјоделското производство, а со тоа и да останат повеќе пари кај земјоделските производители“, рече Заев.

Во периодот којшто претстои една од целите е токму и земјоделецот да има просечна месечна плата од 30.000 денари тоа се некаде 360.000 денари по возрасно лице во семејство, тоа е минималниот праг со којшто очекуваме да има достоинствен живот во земјоделството, вети Заев.