
Пет значајни производи како што е грозјето, како што е јаболкото, како што е тутунот, дел од градинарските производи и други производи ќе бидат приоритети на интервенции на наредната влада која ќе биде составена од СДСМ, изјави во вторник во Демир Капија Зоран Заев, носител на листа во ИЕ 4.
„Лозарите ќе имаат задача повеќе да произведат да го зголемат својот обем, својот квалитет, обврска на државата е пласманот и цените на продажбата уште на почетокот на сезоната помеѓу март месец и мај кога почнува, буквално и зарежувањето по лозјата. Ќе ја објавиме цената и за белото и за црвеното грозје, државата ќе си има работа со откупувачите, државата ќе преговара и ќе ги заштити лозарот произведувачите затоа што парите којшто стигаат кон нашите земјоделци се пари кон нашиот народ“, порача Заев.
Според него, целосното редефинирање на политиката мора да биде насочено кон обезбедување на пласман.
„Пласманот мора да биде обезбеден преку отворањето на нови пазари. Пазарите којшто ќе ги отвориме ќе донесат дополнителна конкуренција во откупувачите од тие што го купуваат земјоделското производство да се натпреваруваат кој повеќе ќе плати, токму тој да го купи земјоделското производство“, истакна Заев.
Тој додаде дека ќе продолжат со субвенционирање на земјоделството, субвенциите ќе бидат 160 милиони евра годишно или вкупно 640 милиони евра за еден четиригодишен мандат.
Претседателот на СДСМ истакна дека земјоделското земјиште ќе биде распределено на вистинските земјоделци.
„Ќе направиме комплетна ревизија на распределбата на земјоделското земјиште. Не само тоа, ќе се одговара по закон согласно сите злоупотреби што се правеле во последните неколку години од вакви моќници, олигарси коишто буквално поклопиле цели средини или цели региони“, рече Заев.
Понатаму уште додаде дека ќе има зелена нафта за земјоделците.





