Шекеринска: Два дена до промена на работите во Македонија

Пред битолчани, во петок, на последниот ден од кампањата за предвремени парламентарни избори во Македонија, носителката на кандидатската листа на СДСМ, Радмила Шекеринска, порача дека  има два дена до шансата „да ги промениме работите во Македонија, работите кои не чинат, работите кои не одат добро“.

„Јас и мојот тим во изминатиов период поминавме низ сите села и градови во Изборната единица 5, тоа го сторија и моите колеги низ цела Македонија. Разговаравме со граѓаните и ги слушавме нивните проблеми, сите, ама букавално сите, бараат шанси за живот, тука во Македонија. Не сакаат поделби, туку сакаат решенија. Сакаат систем кој ќе функционира за сите, подеднакво. Најголемиот проблем кој сите го спомнуваа беше масовното иселување од нашата држава“, рече Шекеринска.

Затоа, порача, дека СДСМ има План за живот во Македонија.

„План со кој сакаме младите да останат тука во татковината. Да дадеме шанса за сите, за подобар живот и среќа во нашата татковина. Планот за живот во Македонија значи повисоки плати и повисоки пензии, тоа значи минимална до 16.000 денари и просечна плата во цела Македонија до 30.000 денари. Живот во Македонија значи и шанса за поддршка на домашните претпријатија за 100 пати поголема од таа што денес ја имаат, со 140 милиони евра насочени кон домашните претпријатија, за да отвораат нови работни места и за да исплаќаат повисоки плати“, рече Шекеринска.

Повика сите да излезеат на гласање, да го искористат гласачкото право, за во Македонија да се случат промени.