
Носителот на кандидатската листа за пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5 Антонио Милошоски во пресрет на претстојните предвремени парламентарни избори на 11 декември од Битола изјави дека в недела очекува мирни и достоинствени избори после кои поразениот ќе му подаде рака на победникот и ќе му честита на цивилизиран начин.
Издржавме две тешки години на наметната криза, криза што му пречеше на секој граѓанин, криза која ни забави две години од развојот и проектите што ги работевме, но ќе продолжиме да ги работиме. Народот е мудар, народот е свесен, народот е зрел и за разлика од другите наши политички опоненти, ние имаме едно правило – народот е секогаш во право. Колку повеќе ја негираш волјата на народот толку повеќе ќе бидеш принуден истата да ја признаеш и со неа се соочиш, рече Милошоски.
На средбата со битолчани, Милошоски посочи дека претстојните избори не се избори што ќе го определат животот и иднината на Македонија во следните четири години, туку дека на 11 декември ќе гласаме рече тој, и за тоа каква Македонија сакаме да имаме во следните 40 години, а ние сакаме една, унитарна, сплотена, напредна и развиена Република Македонија.
Во следниот период имаме една единствена цел да отвориме нови 70.000 работни места, да ја намалиме невработеноста во државата, да изградиме автопати, училишта, болници, да создаваме перспектива за младите и затоа потребна ни е политичка стабилност, потребна ни е историска победа за стабилно Собрание и Влада, порача Милошоски.





