Груевски: Не дозволувајте сега на крајот да нѐ закрват, во недела вечер нека слави Македонија

Уште два дена, не дозволувајте сега на крајот да нѐ закрват, не подлегнувајте на провокации, порача во петок на прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

„Тоа се последни обиди на еден систем во распад, на Зоран Заев и подземни структури зад него, но само внимателно, не не закрвија досега, нема ни отсега, никој не е поважен повеќе од граѓанинот на оваа држава, никој, ни поединци, ни раководства на партии, и мрачните структури сакаат да го заплашат поединецот, граѓанинот,затоа што го гледаат нивниот пораз, и јасно им е какви ќе бидат резултатите и што е волјата на народот“, рече Груевски.

Тој ги повика македонските граѓани во недела масовно да излезат и да го дадат својот глас за оној што сметаат дека за нив е најдобар избор.

„Сите да излезете и да го дадете вашиот глас, ако сметате дека треба да ни дадете поддршка нам во ред, ние ќе бидеме благодарни и нема да ве изневериме, го знаете тоа, ние ја кажавме нашата програма и она за што се залагаме и што може да очекувате од нас, ако, пак, сметате дека треба да им дадете поддршка на Заев и неговите соработници, повторно во ред, поентата ми е дека тоа треба да е ваша и само ваша одлука. Јас сум убеден дека вие знаете што е подобро за вас, за вашите семејства  и што е подобро за Македонија! 11-ти декември недела, сите заедно да направиме да биде празник на демократијата и ден на гордост. А вечерта да слави Македонија“, порача Груевски.