МОСТ ги регистрираше првите нерегуларности, фотографирање на ливчиња и задоцнето отворање на гласачки места

Граѓанската асоцијација МОСТ, која изборите ги следи со повеќе од три илјади набљудувачи, во неделата утрото ги регистрираше првите изборни нерегуларности, односно задоцнето отворање на две гласачки места и фотографирање на гласачки ливчиња во Радовиш и Ѓорче Петров.

Гласачкото место 1036 во општина Куманово било отворено со 15 минутно задоцнување, додека гласачкото место 2210 во општина Велес било отворено со 30 минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија.

Во општина Радовиш, пак, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон, при што избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. Истото се случило и во општина Ѓорче Петров, каде еден гласач го фотографирал гласачкото ливче, а веднаш потоа била повикана и полиција.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.