Бејли повика идната влада и опозицијата да работат конструктивно

Американската амбасада во Скопје ги повика политичките партии кои ќе формираат влада да работат конструктивно со опозицијата за спроведување на реформите, по предвремените парламентарни избори во Македонија, што се одржаа во неделата.

Фундаменталните права на изборите генерално биле почитувани, излезеноста била голема, а изборите биле спроведени на мирен и регуларен начин со неколку случаи на неправилности, прелиминарно заклучија набљудувачите на ОБСЕ, а американската амбасада ги поздрави.

„Ние ја истакнавме загриженоста на набљудувачките тимови за административните подготовки на изборите и ја повикуваме следната влада да работи на подобрување на капацитетите на ДИК и да ги реши структурните и правните проблеми со избирачкиот список. Изборите на 11 декември беа првиот важен чекор за прдивижување на Македонија кон излез од политичката криза. Ги охрабруваме политичките партии кои ќе ја формираат идната влада да работат конструктивно со опозицијата за спроведување на реформите што ќе го продлабочат процесот за евроатлантските интеграции, особено на реформите кои се однесуваат на владеењето на правото“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли, на прес-конференција, во понеделник попладне.

Тој додаде дека САД и меѓународната заедница ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија и ќе бидат нејзин партнер.